Политика за колачиња · Одлуката може да ја промените во секое време на страницата „Колачиња“.

Пристапност

Големина на текстот
Читање на глас

Прелистувачот го чита текстот со гласот што го има за овој јазик.

Изјава за пристапност

Македонски јазик и литература

Македонски јазик и литература – државна стручна матура, јуни 2026

Комплетниот тест од државната стручна матура, јуни 2026: книжевност, јазик, читање и пишување. Задачите со избор се проверуваат автоматски, кај отворените прашања се прикажува одговорот од официјалниот клуч, а есејот го пишувате со бројач на зборови.

Прочитајте ги текстовите и одговорете. Кај отворените прашања по проверката споредете го одговорот со клучот и означете дали е точен.

Државна стручна матура, јуни 2026 (Државен испитен центар). Одговорите се според официјалниот клуч.

Оригиналниот тест (PDF) · Клуч (PDF)

Книжевност

1. Прочитај го извадокот од делото „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски и одговори на поставените прашања.

ВТОР ЧИН – ТРЕТА ПОЈАВА

ТОМЧЕ И СТОЈАНКА

ТОМЧЕ: Зошто така ме пукаш, Стојанке? Ќе пукнам од мака кога ми зборуваш така!

СТОЈАНКА: Јас зборувам како што е. Довечер давам збор за друг.

ТОМЧЕ: Што?

СТОЈАНКА: Вечер ќе ме свршат за Иле.

ТОМЧЕ: Ќе дадеш збор? Ќе те свршат за Иле?

СТОЈАНКА: Така е.

ТОМЧЕ: Стојанке! Не зборувај така! Уште еден збор таков ако ми речеш, ќе те отепам!

СТОЈАНКА: Бре! Не си зел сол, да ме посолиш!

ТОМЧЕ: Стојанке, не пукај ме така, не прави такви смешки, зашто мене ми се плаче!

СТОЈАНКА: Вистина ти кажувам, Томче. Синоќа дојдоа стројници. Татко ми сакаше веднаш збор да даде, пак и јас…

ТОМЧЕ: И ти!

СТОЈАНКА: И така не сум за тебе, за вашата куќа. Јас сум црна Циганка, јас сум селанка, името ми е селско, јас сум од сиромашка куќа, сум проста, не знам за ред и чистота… Татко ми е сиромав, самарџија… Најпосле јас имам под ноктите црно, кал…

(Задржуваниот плач се пробива со придушено липање.)

ТОМЧЕ: Стојанко, зошто така зборуваш? Си чула од мене такви зборови?

СТОЈАНКА: Сум чула од татко ти. Вчера му зборувал на еден татков пријател, а тој му кажал на татко ми.

ТОМЧЕ: А, татко ми! Чекај ти само, инаку ќе зборувам со него!

СТОЈАНКА: Зборувај како знаеш, Томче, само довечер збор да дадеш: или… или…

ТОМЧЕ: А, така Стојанке! Нејќеш повеќе да чекаш! Толку ли беше љубовта наша? Толку ли ме сакаш, а?

СТОЈАНКА (плаче): Томче, јас би те чекала довека, те сакам и љубовта моја е догроба, ама не можам повеќе од татко ми, ми е жал за него. Му дадов збор за довечер.. Не може повеќе: го изеде жив срам од луѓето... за мене… на сета негова добрина…

ТОМЧЕ: А мојот татко, поарно да го немам! Катил, намќор! Човек без душа, без срце! А чекај! Ќе види тој! Уште еднаш…

ЕФКА (однадвор): Ајде, деца, доста ви е!

ТОМЧЕ: Уште малце, тетка Ефке!

СТОЈАНКА: Леле, Томче, уште овој ден! Ми е страв, Томче! Не давај ме, Томче, не давај ме на друг! Поарно отепај ме! Поарно во Вардар да се удавам, кога не можеме да се земеме…

ТОМЧЕ: Стојанке, гулабице моја, душо моја! (Сака да ја прегрне.)

СТОЈАНКА (се истргнува): Не, Томче… Тетка…

Васил Иљоски. „Одбрани драми и есеи“. Скопје: Мисла, 1988, стр. 143–144.

1.1. Васил Иљоски е претставник на: (1 поен)

1.2. На кој драмски жанр му припаѓа драмата „Чорбаџи Теодос“? (1 поен)

1.3. Кои од наведените особини го опишуваат Теодос? (1 поен)

1.4. Кој е клучниот мотив во разговорот меѓу Томче и Стојанка? (1 поен)

1.5. Кои зборови од долунаведените најдобро ја опишуваат емоционалната состојба на Томче? (1 поен)

1.6. Крајот на извадокот за односот меѓу Томче и Стојанка открива дека: (1 поен)

2. Прочитај го извадокот од песната „Македонија“ од Анте Поповски и одговори на поставените прашања.

МАКЕДОНИЈА 1. Стиснете ги тревките неа ќe ја исцедите. Навалете се врз каменот името ќe ѝ го чуете. Симнете се во рекине дното со неа ќe ве почести. Легнете да починете и ноќта со неа ќe ве покрие. 2. На овој даб името ќe ти го напишам дождовите да го симнат жедните в земја да ги напоиш. На оваа нива грутка од тебе ќe посеам класатка да никне со неа внучињата да ни ги храниш. На овој рид ќe те оставам и кога ќe заминам пак да те гледам Голема. 3. Еве ја таа проста земја од дволичен камен и сонце. Децата уште незаодени каде откопуваат лобањи по градините. Еве ја таа проста земја од пајажина и од води. Мудро слободата кај што ги запишува селските имиња Место икони по црквите И каде летото како судбина Трае до последниот востанат. Еве ја таа проста земја од заморено дишење и од молк. Низ која времето одминува и пак се враќа Со неа да го сподели лажното траење. О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски А никој не ја знае. ...

Анте Поповски „Песни“: избор. Скопје: Наша книга, 1988, стр.133–135.

2.1. Првата строфа од песната, според бројот на стиховите, се нарекува: (1 поен)

2.2. Каква обврска имаат жителите на земјата според зборовите на поетот од втората строфа, кога тој говори: „На оваа нива грутка од тебе ќe посеам / класатка да никне / со неа внучињата да ни ги храниш“? (1 поен)

2.3. Со кој збор се претставува историското страдање на македонскиот народ, кога поетот говори за градините и за откопувањето кое го прават „децата уште незаодени“? (1 поен)

2.4. Во која строфа од песната е посочено „враќањето на времето“, односно на случувањата од историјата на Македонија? (1 поен)

2.5. Од што е создадена татковината за која поетот вели: „О, еве ја таа проста земја од ...“? (1 поен)

2.6. На кој јазик „шепотат ѕвездите“ според поетот на песната? (1 поен)

2.7. На кој вид лирика, според мотивот, припаѓа песната „Македонија“? (1 поен)

2.8. На кој период од развојот на македонската литература припаѓа песната? (1 поен)

3. Прочитај го извадокот од романот „Евгениј Онегин“ од Пушкин и одговори на поставените прашања.

Ви пишувам, зар за нешто поарно знам? И што повеќе можам да Ви кажам? Сега од Вашата волја зависи мојот срам, и дал`зарад презирот Ваш ќе тажам. Но, ако мојата судбина Вас ве трогне и срцето Ваше за сожал сила смогне Вашите мисли ќе ми бидат стража. Да си молчам и трпам првин сакав за срамотата која лакомо ме јаде па ни сега не би знаеле за ваа мака, оти, бар да смеев да имам надеж, дека пак ќе дојдете во нашиот крај и дека, макар и ретко, пак ќе можам да Ве видам во нашиов селски рај, гласот мој со Вашиот да го сложам, нешто малку потајно да Ви речам а потоа да се каам во јад и мрак, со денови раните да си ги лечам – сѐ додека Вие не ни дојдете пак. Но, табиетлија сте Вие, тоа се знае, тешко поднесувате селска апатија; но, за Вас имаме радост која сјае и тоа не е придворна дипломатија. А зошто дојдовте во идилава цветна? Во степата, кајшто животот ми мине, јас сигурно Вас немаше да Ве сретнам и не ќе знаев за страдов што ме кине. Со мирни чувства, во душевен спокој, може некогаш ќе му заскокоткав око на некој што припросто пие од стомна, ќе му станев сопруга тивка и скромна за ко мајка нашите деца да ме помнат. На друг! Но не, на друг не би го дала срцево што копнежот луд ми го јаде! Од пишаното не бегам, велам фала, на Небото што мене на тебе ме даде; та, целиот мој живот беше жирант дека сред луѓето тебе ќе те сретнам; тебе Бог ми те прати да се смирам, да ме штитиш до патот преку Лета. Ти ми доаѓаше во соништата често за они љубов за тебе да ми внушат; од погледот твој не ме држи место оти гласот твој одамна го слушам. Не, мене не ме подлажа сон-гамен зашто штом кај нас влезе јас знаев: премрена во копнежниот пламен јас овој човек во срцево го таев! Зар не е верно дека веќе те слушав кога помагав на една бедна душа: во тишина ти умен совет ми кажа како јад да лечам без шарена лажа, со молитви чемерот да го блажам? Зар не беше ти во оној час среќен драго мигновение на мојата мечта, што помина во ноќта како сенка и ме погали како шепотно цвеќе, вкоренувајќи ја на љубовта речта: од надеж до очај нишката е тенка? Кој си ти? Дали си мој ангел-чувар, ил`дух кобен на искушение што тера? Стивни ги сомнежите што ме гушат. Може судбината сосем друго мува, може утрето да е само мртво вчера и заблуда сал на мојата млада душа. Па, така нека биде, што да кријам? На милоста твоја се предавам себе и солзи на болката пред тебе лијам, заштита молам од добриот во тебе. Јас овде сум во осаменички помин, немам никој што може да ме сфати; снеможувам и духот мој се сломи, со страдање моето срце ќе плати. Те чекам, гласот на надежта во мене оживеј го со поглед, направи чекор, ил`од тешкиот сон тој нека ме крене со горчлив ама справедлив прекор! Завршив! Ред е малку да се смирам, иако срамот страв в срце втерува. Но Вашата чест убаво ми гарантира и нејзе без страв ѝ се доверувам! А. С. Пушкин. „Евгениј Онегин.“ Превел Ѓорѓи Сталев.

Скопје: Култура, 1967.

3.1. Што чувствува Татјана кон Онегин, според извадокот? (1 поен)

3.2. Зошто Татјана е храбра што го пишува ова писмо? (1 поен)

3.3. Која е причината за стравот на Татјана во писмото со кое му се обраќа на Онегин? (1 поен)

3.4. Како Татјана го замислува својот живот доколку не го беше запознала Онегин? (1 поен)

3.5. Какви сомневања искажува Татјана на крајот од писмото, во претпо- следната строфа од извадокот? (1 поен)

3.6. Што наследил Онегин од својот вујко по неговата смрт? (1 поен)

3.7. Каков вид дело е „Евгениј Онегин“? (1 поен)

3.8. На кој литературен правец му припаѓа ова дело? (1 поен)

Книжевна анализа и јазик

4. Која е целта на комедијата? (1 поен)

5. Која е основната карактеристика на трагедијата? (1 поен)

6. Раскажувањето во епот ги обработува следниве содржини: (1 поен)

7. Како се пренесувале фолклорните творби? (1 поен)

8. Кои од наведените се карактеристики на лириката? (1 поен)

9. Која стилска фигура е употребена во стихот: „Храбар како лав на бојното поле“? (1 поен)

10. Заокружи го јазичното семејство на кое му припаѓа македонскиот јазик. (1 поен)

11. Кој е автор на книгата „За македонцките работи“ (1903)? (1 поен)

12. Пронајди го примерот со правилен акцент. (1 поен)

13. Заокружи го примерот во којшто е употребена честица. (1 поен)

14. Заокружи го примерот во којшто е употребена сопствена именка. (1 поен)

15. Заокружи го примерот во кој е употребен глаголски прилог: (1 поен)

16. Заокружи го примерот со приближна бројност. (1 поен)

17. Заокружи го примерот во којшто е употребен можен начин. (1 поен)

18. Како се вика првата словенска азбука? (1 поен)

19. Која година е формирана Охридската книжевна школа? (1 поен)

20. Наведи една разлика меѓу согласките и самогласките. (1 поен)

21. Која гласовна промена е одразена во примерот: жежок – жешка? (1 поен)

22. Обележи ја акцентската целост во реченицата: (1 поен)

„Петре ништо не сака да јаде“.

23. Фонеми се (1 поен)

24. Употреби суперлативна форма на придавката дадена во реченицата: (1 поен)

Павел е (добар) ______ ученик.

25. На која глаголска група ѝ припаѓа глаголот молчи? (1 поен)

26. Кој извик го употребуваме кога молиме за тишина? (1 поен)

27. Дефинирај што е подмет во реченицата! (1 поен)

28. Што е глас? (1 поен)

29. Расказната реченица завршува со знакот (1 поен)

30. Подвлечи ја прилошката определба за време во реченицата: (1 поен)

Кликни на зборот:

Читање

31. Прочитај го текстот и одговори на поставените прашања.

КАКО НИ ВЛИЈАЕ СЕКОЈДНЕВНОТО ЧИТАЊЕ? Замислете дека стоите под еден висок прозорец и не можете да видите што има зад него, видикот ви е скриен од ѕидот. Почнете да читате и книга по книга редете ги под прозорецот. Оние кои не читаат никогаш нема да видат што има од другата страна, а оние кои читаат ќе се искачат на купчето прочитани книги и не само што ќе ја видат прекрасната глетка, туку и ќе преминат на другата страна.

Тоа е и целта на книжевноста – да ги шири хоризонтите. Па искачувајте се книга по книга, работете на тоа постојано, а во меѓувреме погледнете ги позитивните страни од секојдневното читање! Кои се психолошките придобивки од читањето?

Гимнастика за умот

Она што значи физичката активност за телото, тоа е читањето за умот. Фикција или реалност, метафизичка или мотивациска гимнастика – не е важно. Читајте и тренирајте го умот да мисли и да се развива! Како што е потребно редовно вежбање за телото, така истото важи и за умот.

Се зголемува концентрацијата

Додека читате, заминувате на некое друго место. Како што навлегувате во приказната, така сè повеќе се концентрирате на звуците и сликите во описите и на изгледот на ликовите, па сцените од книгите ви се одигруваат во умот. Тогаш заборавате на сè околу себе. На овој начин ќе стекнете навика целосно да се концентрирате на секоја работа што ја правите.

Се намалува стресот

Според една студија од 2009 година, со само шест минути читање секојдневно се намалува стресот за 68 проценти. Да читате триесет минути е како триесет минути да вежбате јога. Читањето е начин да побегнете од грижите или, уште подобро, да ги совладате.

Се подобрува речникот

Ова е повеќе од јасно! Читајќи, како сунѓери, ги впиваме сите прекрасни и несекојдневни зборови од книгите и автоматски почнуваме да ги забележуваме и правописните правила. Дури и без да бидете свесни за тоа, ќе почнете да го применувате запомнетото.

Се продолжува животот

Едно истражување спроведено на Универзитетот „Јејл“ докажало дека луѓето кои читаат по најмалку 30 минути дневно живеат подолго од оние кои не читаат. Најдолг животен век имаат оние кои читаат фикција, а најкраток – луѓето кои читаат списанија и весници.

Станувате поемпатични

Знаете ли дека на „Харвард“ е докажано дека оние кои читаат книжевни дела многу подобро ги идентификувале емоциите на луѓето кои ги набљудувале, изразени на нивните лица? Колку повеќе сте навлезени во книжевноста, толку подобро го запознавате светот околу себе и полесно ги „читате“ неговите изрази.

Релаксација и смиреност

Најдобриот начин за релаксација е преку читањето. Духовните книги го намалуваат крвниот притисок, додека книгите за самопомош ги смируваат луѓето кои страдаат од промени во расположението.

Зголемување на аналитичките мисловни способности

Замислете дека читате трилер и самите ја решавате мистеријата. На овој начин го тренирате умот да работи аналитички самостојно. Способноста да навлегувате во детали ќе ви ги прошири хоризонтите на дедуктивното мислење.

Ако сè уште не сте прочитале ништо денес, денот не е завршен!

Преземено од: www.prikazni.mk/b/247/kako-ni-vlijae-sekojdnevnoto-chitanje

31.1. Основната цел на книжевноста е: (1 поен)

31.2. Во текстот, читањето се споредува со: (1 поен)

31.3. Колку минути читање дневно, според студија, го намалува стресот? (1 поен)

31.4. Кој тип читатели, според текстот, имаат најдолг животен век? (1 поен)

31.5. Што се случува со читателот кога длабоко навлегува во духовните книги? (1 поен)

31.6. Која придобивка од читањето човекот ја применува во секојдневието? (1 поен)

31.7. Преку кој вид книги читателот ги зголемува способностите за анали- тичност? (1 поен)

31.8. Чии истражувања докажале дека оние што читаат книги подобро ги препознаваат емоциите на луѓето? (1 поен)

32. Прочитај го текстот и одговори на поставените прашања.

Ајфелова кула

Ајфеловата кула (француски: La tour Eiffel) е челична кула која се наоѓа на Марсовите полиња (француски: Champ de Mars) во Париз. Таа стана француска и меѓународна икона, како и една од најпрепознатливите градби во целата земја. Ајфеловата кула, највисоката зграда во Париз, е најпосетуваниот споменик во светот за кој се наплаќа влез. Именувана е по инженерот и дизајнер Густав Ајфел.

Кулата била изградена како влезен лак за Универзалната изложба во 1889 година. Иако првично нејзинот дизајн бил критикуван од некои од водечките француски уметници и интелектуалци, таа подоцна станала глобална културна икона на Франција и една од најпрепознатливите градби во светот. Ајфеловата кула е најпосетуваниот споменик во светот за кој е потребна влезница: 6,91 милиони луѓе се искачиле на неа во 2015 година. Таа била прогласена за историски споменик во 1964 година и за дел од светското наследство на УНЕСКО („Париз, бреговите на Сена“) во 1991 година.

Кулата е висока 330 метри, приближно иста висина како зграда од 81 кат, и претставува највисоката градба во Париз. Нејзината основа е квадратна, со димензии од 125 метри од секоја страна. За време на нејзината изградба, Ајфеловата кула го надминала Споменикот на Вашингтон и станала највисоката вештачка градба во светот, титула што ја држела 41 година, сè додека не била завршена зградата Крајслер во Њујорк во 1930 година. Таа била првата градба во светот што ја надминала висината од 200 метри, а подоцна и од 300. Поради додавањето радиодифузна антена на врвот на кулата во 1957 година, таа е сега 5,2 метри повисока од зградата Крајслер. Без предавателите, Ајфеловата кула е втората највисока градба во Франција по Вијадук де Мијо (Viaduc de Millau).

Кулата има три нивоа за посетители, со ресторани на првото и второто ниво. Горната платформа на третото ниво е 276 метри над земјата – највисоката платформа за набљудување достапна за јавноста во Европската Унија. Може да се купат билети за искачување по скали до првото и второто ниво. Искачувањето од приземје до првото ниво има повеќе од 300 скалила, а исто толку има и од првото до второто ниво, што го прави вкупниот број на скалила – 600. Иако има скалила до горното ниво, до него обично се стигнува само со лифт.

Проектот за изградба на кула висока 300 метри се родил за време на подготовките за Универзалната изложба. Во кулата се поставени приближно 2.500.000 навртки. Потребни биле пет месеци за изградба на темелите и 21 месец за изградба на металната конструкција на кулата, што претставувало рекордна брзина на градење. На изградбата работеле само 121 работник на самата кула и уште 100 работници на префабрикација на главните делови на земја. Нозете на кулата се наоѓаат на четирите точки на хоризонтот И-З-С-Ј на растојание од 125 метри една од друга. Висината на кулата во 1889 година била 321,27 метри; а денес, со целата антена на врвот, е 324 метри. Кулата тежи 10 000 тони, а при ветер се поместува на врвот приближно 6 – 7 см. Ако зборуваме за бројот на посетители, Ајфеловата кула несомнено е најпосетуваниот споменик во светот.

www.wikipedia.org/wiki/Kulla_Eiffel

32.1. Каде се наоѓа Ајфеловата кула? (1 поен)

32.2. Како се вика инженерот на овој проект? (1 поен)

32.3. Како била пречекана изградбата на Ајфеловата кула од француските уметници и интелектуалци? (1 поен)

32.4. Колку луѓе ја посетиле Ајфеловата кула во 2015 година? (1 поен)

32.5. Кога Ајфеловата кула била прогласена за историски споменик? (1 поен)

32.6. Кога Ајфеловата кула била вклучена во наследството на УНЕСКО? (1 поен)

32.7. Какво влијание имало додавањето на преносната антена врз висината на Ајфеловата кула? (1 поен)

32.8. Колку нивоа на Ајфеловата кула се достапни за посетителите? (1 поен)

32.9. Како влијаат атмосферските услови врз структурата на Ајфеловата кула? (1 поен)

32.10. На колкаво растојание се поставени нозете на Кулата? (1 поен)

33. Избери една тема и: (13 поени)

Напиши текст од 260 до 460 збора; прочитај ја темата и добро размисли што треба да содржи текстот; почитувај ги правилата за композиција на текст (воведен дел, главен дел и заклучок); почитувај ги правилата на стандардниот јазик.

Мислите искажи ги јасно и поврзано со употреба на факти и аргументи; употребувај соодветна лексика и стил во согласност со видот на текстот кој го пишуваш; не пишувај општи фрази; не користи буквално и без критичка дистанца готови текстови од различни извори (учебници, стручни книги, веб-страници итн.); внимавај на графичкото средување на текстот – треба да има три јасно изделени целини (вовед, главен дел, завршен дел) и по можност – пасуси во главниот дел. Пишувај со кирилица, користејќи ракописни букви, во спротивно се

одземаат 5 поени од освоените поени на есејот!

Тема 1: Улогата на младите во градењето на демократско и одговорно општество

Размисли што би пишувал/-а на темата и појасни каква е улогата на младите во градењето на демократско општество и во развивањето на граѓанска одговорност.

Заземи критички став, може да се согласиш или да го негираш зададениот наслов дека младите имаат значајна улога во општествените промени, и аргументирано и логички образложи го својот став.

Наведи најмалку два аргументи, поткретпени со конкретни факти и примери, со кои ќе ја истакнеш важноста на активното учество на младите во општеството и нивниот придонес во демократските процеси.

Искажи го твојот став за влијанието на младите како критички и активни членови на општеството (аргументирано размислување, граѓанска одговорност, почитување на различностите, активно учество во заедницата) и наведи соодветни примери.

Заокружи со сублимирање на својот став за улогата на младите во развојот на општеството и нивната одговорност како граѓани.

Употребувај стандарден македонски јазик и ракописно писмо и внимавај на правописот, лексиката, синтаксичките и интерпункциските правила.

Тема 2: Природата како извор на ментално и физичко здравје

Размисли што би пишувал/-а на темата и појасни зошто природата е извор на менталното и физичкото здравје кај луѓето.

Заземи критички став, може да се согласиш или да го негираш зададениот наслов, и користи јасни и последователни мисли за да го искажеш ставот за зададената тема.

Наведи најмалку два аргументи, поткрепени со конкретни факти и примери, за твојот став за темата, со кои ќе појасниш како престојувањето во природата и прошетките влијаат врз менталното и физичкото здравје.

Искажи го твојот став за тоа дали прошетките во природата позитивно или негативно влијаат врз зачувувањето на менталното и физичкото здравје на луѓето и наведи соодветни примери со кои ќе го поткрепиш своето мислење.

Заокружи со сублимирање на својот став за темата, со што ќе ја нагласиш важноста на природата како природен ресурс кој нуди многу предности за зачувување на менталното и физичкото здравје на луѓето.

Употребувај стандарден македонски јазик и ракописно писмо и внимавај на правописот, лексиката, синтаксичките и интерпункциските правила.

Зборови: 0 · Потребно: 260–460 зборови